Дописници Охрид влезе во шпицот на главната туристичка сезона

Охрид влезе во шпицот на главната туристичка сезона

Македонскиот туристички и летен културен центар, Охрид, со овој продолжен празничен викенд влезе во шпицот на главната туристичка сезона.

Преполнетите плажи, колоните возила кон излетничките места, како и преполните паркиралишта, говорат дека Охрид деновиве е исполнет со гости и со викенд-туристи.

Хотелиерите и оние кои нудат приватно сместување се задоволни, иако слободни места сè уште има. Задоволни се и сопствениците на ресторани и на кафулиња, кои се, исто така, полни во претпладневните и во вечерните часови.

Од странство најбројни се гостите од Холандија, потоа од Србија и од Бугарија. За викендот допатуваа многу гости од земјата, пред сè, сопственици на викендички и на станови од Скопје, Битола и од други места.

Во прилог на туристите се и бројните културни манифестации. Театарски и музички претстави на фестивалот „Охридско лето“, бројни изложби, настапи на пеjачи на отворено и во рестораните, диџеи во ноќните клубови.

Од петокот навечер, Охрид пулсира во вистинска летна атмосфера.