Дописници Охрид доби Центар за лица со аутизам

Охрид доби Центар за лица со аутизам

Во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид беше отворен Центарот за рехабилитација, едукација и сензорна интеграција за возрасни лица со аутизам.

Охридскиот градоначалник Константин Георгиески на отворањето на центарот укажа на неговото значење за регионот и потсети дека тоа ќе претставува постепено поместување во перцепцијата и ослободување од предрасудите за лицата со посебни потреби.

– Важно е да се сфати дека создавањето на амбиент во кој лицата со аутизам ќе имаат подобар живот, не е привилегија за нив. Тоа е неопходност преку која овие лица полесно ќе ги совладаат пречките со кои се соочуваат на патот кон остварување на нивните права. Само на тој начин, општеството демонстрира зрелост и обезбедува  почитување на достоинството за сите свои граѓани еднакво – рече градоначалникот Георгиески.

На настанот присуствуваа и заменик министерот за здравство Армент Арслани, чешкиот амбасадор во земјава, Мирослав Томан и претставници од Стопанската комора на Македонија.

Носител на проектот е Здружението на граѓани за третман на лица со аутизам, АДХД и Аспергеров синдром „ВО МОЈОТ СВЕТ“ и е поддржан од Министерство за здравство, кое ги отстапи просториите за сместување на овој центар во болницата „Св. Еразмо“. Реконструкцијата и опремувањето на просторот е финансиран од амбасадите на Република Бугарија и Република Чешка во земјава.

Наредниов период се очекува во Охрид да биде отворен и Центарот за рехабилитација, едукација и сензонарна интеграција наменет за ран третман на деца со аутизам АДХД и Аспергеров синдром. Центарот за деца на возраст од 2 до 8 години ќе биде сместен во охридската Општа Болница. Со отворањето на овие два центри Охрид ќе прерасне во регионален центар за грижа за лицата со аутизам.