Главна секција Оер: Франција тагува, но нема да попушти во борбата против тероризмот

Оер: Франција тагува, но нема да попушти во борбата против тероризмот

Денеска Франција тагува поради терористички напад, изјави  француската амбасадорка Лоренс Оер во француската резиденција, по повод синоќешниот напад во Ница.

– Сите денеска сочувствуваат со Франција. Многумина сè уште трагаат по своите најмили – рече Оер.

Амбасадорката соопшти дека се во контакт со македонската амбасада во Париз и оти засега нема информации за настрадани Македонци.

– Бевме во контакт со амбасадата во Париз, но засега нема пријавено настрадани Македонци. Сепак, болниците се полни и сè уште се врши идентификација – рече Оер, додавајќи дека во Париз е отворен ургентен број каде што луѓето ќе можат постојано да се информираат и да бараат информации.

Амбасадорката истакна дека тоа што нападот е извршен на 14 јули, кога се прославува Денот на Републиката, е тежок момент за Франција, посебно што по терористичкиот акт во Шарли Ебдо и минатоноемвриските напади во Париз безбедноста во земјата е зголемена.

– Да се изврши напад на францускиот национален празник, кој е ден на слободата, Ден на Француската република има голема симболика за нас – изјави Оер, додавајќи дека Франција нема да попушти во борбата против тероризмот.

Оер соопшти дека францускиот претседател Франсоа Оланд побарал од сите амбасади да прогласат тридневна жалост и да отворат книга на жалост во која граѓаните ќе можат да изразат сочувство.

Француската амбасада во Скопје в понеделник ќе ја отвори книгата на жалост, а граѓаните во периодот од 10 до 13 часот, сè до среда, ќе можат да се запишат во книгата.