Македонија Одложен почетокот на судењето за „Еразмус“, одбраната побара изземање на судијката

Одложен почетокот на судењето за „Еразмус“, одбраната побара изземање на судијката

Почетокот на судењето за случајот „Еразмус“, во кој се обвинети шестмина професори од Економскиот факултет во Скопје, е одложено откако на денешното рочиште дел од адвокатите на обвинетите побарале изземање на судијката Љубинка Башеска и на судијата Ивица Стефановски, како член на судечкиот совет, пренесува „24 Вести“.

Адвокатот Јован Јоанидис, во образложението на барањето за изземање на судиите, навел дека тие во претходна постапка еднаш веќе одлучувале по жалба на одбраната, која ја одбиле, поради што постојат сомневања дека овие судии не можат непристрасно да одлучуваат во предметот.

Судењето е одложено на неопределно време, додека в.д. претседателката на Основниот суд Скопје 1, Татјана Михајлова, не одлучи по барањето за изземање на судиите.

Во случајот „Еразмус“ се обвинети шест лица, професори и демонстратори од Економскиот факултет во Скопје, меѓу кои и поранешниот декан Бобек Шуклев. Тие се товарат за примање поткуп и за злоупотреба на службената положба.