Дописници Од понеделник почнуваат уписите на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“

Од понеделник почнуваат уписите на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“

Нови 4.000 места се отворени за завршените средношколци на универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип на 12 факултети, три академии и дисперзирзираните студии во Скопје, Кавадарци, Струмица и Прилеп.

Уписите од првиот уписен рок почнуваат во понеделник, 26 август, а ќе траат во текот на целата недела. Реактивирани се сите досегашни студиски програми. Нови програми оваа година ќе нема, бидејќи како што објасни ректорот Блажо Боев, се чека да помине надворешната евалуација од новоформираното тело – Агенцијата за квалитет.

– Студиите се отворени за сите домашни и странски студенти, кои сакаат да се стекнат  со квалитетно образование, имајќи во предвид дека на светската ранг листа на универзитети – Шангајската листа, нашиот универзитет се најде на второ место од македонските универзитети – рече Боев.

Најголем интерес, како и секоја година, универзитетот очекува за медицинските науки, каде има 700 слободни места. Како адут за привлекување на студенти, ректорот Боев ја истакна можноста за размената во рамките на Еразмус програмите, во чии рамки еден или два семестри може да се помине во некој од универзитетите во странство.

– Имаме соработка со преку 300 универзитети во светот, а особен акцент ставаме на интернационализацијата на универзитетот, 20 проценти од слободните места може да ги искористат студенти од странство, кои сакаат да студираат во Штип – додаде Боев.

Во моментот на сите студиски програми студираат околу 120 странски студенти, од кои половината се од Турција. Најголем дел странски студенти се запишани на медицинските студии.