Економија Од денеска евтина струја од 13 до 15 часот

Од денеска евтина струја од 13 до 15 часот

Ова, на почетокот ќе опфати околу 200.000 домаќинства, а останатите домаќинства ќе бидат опфатени со дневното евтино тарифирање во текот на декември, како што се ќе се врши подесување на броилата за електрична енергија

Фото: Pexels on Pixabay

Од денеска, 1 декември, се враќа евтината тарифа на струјата за просечна потрошувачка на електрична енергија во блок 1 и 2. Со тоа, граѓаните ја добиваат можноста за евтина струја од 13 до 15 часот. Со тоа се обезбедуваат заштеди од над 1.000 денари месечно, за секое семејство.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски вчера најави дека од утре од 13 до 15 часот домаќинствата ќе имаат на располагање и плаќаат дневна евтина тарифа за електрична енергија. Сепак, тоа на почетокот ќе опфати околу 200.000 домаќинства, а останатите домаќинства ќе бидат опфатени со дневното евтино тарифирање во текот на декември, како што се ќе се врши подесување на броилата за електрична енергија.

Евтината тарифа беше укината прекинато на одреден период заради светската енергетска криза, кога беа воведени мерки со кои беа субвенционирани сметките за струја.

„Од денеска, вратена е евтината тарифа на струјата, што е резултат на инсталирањето фотоволтаици коишто овозможија да се ослободат евтини часови за струја за домаќинствата од 2 часа, во текот на секој ден“, рече денеска премиерот Ковачевски.