Македонија Од денес без ПЦР тест може да се патува во Црна Гора,...

Од денес без ПЦР тест може да се патува во Црна Гора, од четврток во Србија

Извор на фотографија: Влада на РСМ (јули 2020)

Граѓаните на нашата земја како и другите странци од денеска може да влезат во Црна Гора без задолжително тестирање за корона вирус, додека од 14 јануари (четврток) без ПЦР тест ќе може повторно да се патува во Србија.

Црногорската министерка за здравство Јелена Боровиниќ-Бојовиќ изјави дека епидемиолошката ситуација во Црна Гора е подобрена и дека во овој момент исполнетоста на болничките капацитети е 57,3 отсто.

Сепак, во мерките за сузбивање на ковид-19 во Црна Гора за периодот од 12 до 26 јануари се наведува дека забрането е организирање на дочек на Нова година на 13 јануари на отворен и на затворен простор, додека во овој период нема да работат ноќните клубови, барови и дискотеки. Угостителските објекти ќе работат во периодот од 7 до 20 часот, но без изведување на музика во живо или било какви програми, се наведува во информациите објавени од Владата на Црна Гора.

Македонската влада пак информираше дека премиерот Зоран Заев денеска имал телефонски разговор со неговата српска колешка Ана Брнабиќ. Премиерката на Србија го информирала Заев дека од четврток, 14 јануари, Република Србија ќе го укине задолжителниот ПЦР тест за влез во Србија за македонските граѓани, со што повторно ќе се обезбеди реципроцитет и обострана непречена комуникација меѓу граѓаните на двете земји.