Македонија Обвинителството влезе во ДИК, ќе утврдува дали имало криминал при набавката на...

Обвинителството влезе во ДИК, ќе утврдува дали имало криминал при набавката на софтверот

Фото: Арбнора Мемети

Во просториите на Државната изборна комисија (ДИК) денеска по допрен глас влезе Основното јавно обвинителство за организиран криминал, за да утврди дали имало кривично дело при спроведувањето на тендерот за набавка на софтверот на оваа институција. При извршениот претрес е одземена тендерската документација, со која треба да се утврди дали се почитувани законските постапки при изборот на фирмата која ја изработила апликацијата за следење на изборните резултати.

Ваквиот расплет на настаните следи откако на 15 јули вечерта ДИК не беше во можност електронски да ги соопшти резултатите од гласањето на предвремените парламентарни избори, поради хакерски упад на нивната веб страна. Нефункционирањето на сајтот за објавување на резултатите траеше и во текот на наредните денови.

Граѓаните и медиумите преку изработената апликација за следење на изборните резултати требаше во живо да го следат пребројувањето на гласовите и податоците, која партија колку гласови добила. Од фирмата-изработувач „Дуна“ тврдат дека апликацијата нормално функционирала, а неможноста да се следат изборните резултати била поради хакерскиот напад извршен врз сајтот на ДИК.

Инаку, изборот на фирма што ќе ја изработи апликација беше спроведена од ДИК преку непосредна спогодба и без објавување на оглас, откако тендерот за изработка на софтверот претходно еднаш бил поништен. До годинешните парламентарни избори, софтверот за изборните резултати го одржуваше компанијата „Ајвоут“.