Македонија Обвинителството нема коментар на барањето на МКГ за меѓународна истрага за Куманово

Обвинителството нема коментар на барањето на МКГ за меѓународна истрага за Куманово

„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција секојдневно презема мерки и активности во врска со настаните што се случија во Куманово при спроведување на полициската акција. Со оглед на обемноста на доказниот материјал, истражна постапка е во тек. Обвинителството во интерес на истрагата не може да споделува детали. Во моментот кога ќе се создадат услови, јавноста ќе биде запознаена со сите информации што се од нејзин интерес“, стои во одговорот на Јавното обвинителствот на прашања на „Мета“, во врска со истрагата за кумановските настани пред два месеци.

Сепак, од Обвинителството немаат коментар на препораката на Меѓународната кризна група (МКГ) за заедничка, македонско-косовска истрага, за настаните во Куманово, со помош на експерти од Европската унија (ЕУ) и од САД, иако „Мета“ испрати прашања за тоа кој е ставот на Јавното обвинителство во врска со препораката за заедничка истрага и дали Јавното обвинителство е отворено и би се согласило на ваква истрага, како и дали се завршени истражните дејства за случајот во Куманово и дали за тоа Обвинителството соработувало со косовските истражни органи.

Во меѓувреме, претседателот на опозициската Нова социјалдемократска партија (НСДП), Тито Петковски, за порталот „Кирилица“ изјави дека за кумановските настани мора да се покрене меѓународна истрага, за да се види улогата на сите фактори во акцијата.

„Груевски во Куманово зборува за патриотизмот на полицајците, а не говори дека ги фрли неодговорно во оган и остави осум семејства обезглавени. Јавноста остана без одговори на многу прашања во врска со оваа акција. Мора да се покрене меѓународна истрага за да се види улогата на сите фактори во акцијата. Се согласивме како услов за почеток на преговорите да биде поднесено барање за меѓународна истрага, како што сугерираа досега многу меѓународни фактори“, вели Петковски.