Македонија Обвинителство бара 10 години затвор за обвинетите за грабежот во НЛБ

Обвинителство бара 10 години затвор за обвинетите за грабежот во НЛБ

Основното јавно обвинителство Скопје, во завршните зборови за милионскиот грабеж во НЛБ, денеска побара од судот на обвинетите да им одреди највисока казна, која според Кривичниот законик изнесува 10 години затвор.

Четворицата обвинети, Бобан Смилевски, неговиот брат Горан Смилевски, Борис Минчевски и Мирослав Каевски, на претходното рочиште ја признаа вината, но не открија каде се парите и што сториле со нив. Денеска и тие треба да дадат завршни зборови.

Обвинителството бара највисока казна за првообвинетиот Бобан Смилевски бидејќи ја искористил довербата во банката и ги убедил другите да ги уништат доказите по кражбата, додека за неговиот брат, Горан Смилевски, се бара идентична казна бидејќи откако ги примил парите, го фрлил телефонот и не открива каде се парите.

Единствена олеснителна околност, која може да влијае на намалување на казната, според Обвинителството, би било тоа што обвинетите претходно немале сторено кривични дела.

Адвокатите на обвинетите, пак, бараат поблаги казни бидејќи нивните клиенти ја признале вината и биле угледни луѓе во општеството, односно Горан Смилевски е претседател на Синдикатот на вработените во Народна банка, поради што, според неговиот адвокат, уживал висок општествен углед и добивал признанија и високи оценки за неговата работа.

Според обвинителниот акт, обвинетите, искористувајќи ја својата работна позиција и познавањето на процесите на работа во банката, првин украле 400.000 швајцарски франци и 375.000 евра, а потоа украле уште 2 милиони швајцарски франци и 270.000 евра.

Надлежниот обвинител, кој го води предметот, поднесе обвинителен предлог против други четири лица, кои како одговорни лица во банката „несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности“ и со тоа ја овозможиле кражбата на големата сума пари. Тие се товарат за несовесно работење во службата. Постапката против овие четири лица продолжува одвоено.