Економија Обновливите извори на енергија во фокусот на Самитот за Западен Балкан на...

Обновливите извори на енергија во фокусот на Самитот за Западен Балкан на ЕБОР

На Самитот за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, ЕБОР, кој се одржува во Лондон, во фокус на дискусиите е енергетиката од обновливи извори и зелената економија. Како што соопштија од Владата, техничкиот премиер Оливер Спасовски, кој заедно со министерката за финансии, Нина Ангеловска, и министерот за економија Крешник Бектеши се во еднодневна работна посета на Лондон, остварил средба со Мартина Ларкин, извршната директорка на Светскиот економски форум (СЕФ) во Давос, Швајцарија.

На средбата Спасовски истакнал дека СЕФ е место на кое Македонија ги презентира сопствените искуства во областите што се во фокусот на светската економија, како што се енергетиката и енергетските реформи, со доминантна улога на транзицијата кон обновливи извори на енергија, потоа определбата да се следат трендовите на Зелената економија, предноста на незагадувачките и енергетски ефикасните индустрии, како и придобивките од четвртата индустриска револуција, односно дигитализацијата на услугите и на економските процеси.

Во насока на поддршка на проекти од Зелена економија и енергетска ефикасност, денеска во Лондон, договор за менаџирање на кредитните линии за оваа намена за мали и средни претпријатија како и за граѓаните, потпишаа членови на Управниот одбор на ЕБОР и Глигор Бишев, претседател на Управниот одбор и генерален извршен директор на Шпаркасе Банка Македонија, АД Скопје.

Потенцијалите за заемна поддршка на полето на обновливите извори на енергија беше тема и на средбата меѓу Спасовски и менаџерскиот тим на една од водечките француски компании во ова поле „Акуо енерџи“, соопштија од Владата.