Технологија Наука Објавени првите фотографии од Плутон: Џуџестата планета покажува знаци на геолошка активност

Објавени првите фотографии од Плутон: Џуџестата планета покажува знаци на геолошка активност

На Плутон има планини од мраз високи колку Карпестите Планини во Северна Америка, покажуваат фотографиите од сондата „Нови хоризонти“, а кои вчеравечер беа објавени од НАСА.

Исто така, на џуџестата планета биле забележани знаци на геолошка активност, како и на нејзиниот природен сателит Харон.

Сондата „Нови хорзиноти“ во вторникот помина покрај Плутон, доближувајќи се на 12.500 километри од џуџестата планета, собирајќи огромен број податоци, кои на научниците им открија многу досега непознати детали.

Така, тимот научници, регионот на Плутон кој е во форма на срце, го именуваше по откривачот на џуџестата планета во 1930 година, американскиот астроном Клајд Томбо.

Шефот на мисијата на „Нови хоризонти“, Џон Спенсер, за медиумите изјави дека првите снимки на Плутон, направени одблиску, покажуваат терен преобликуван од извесни геолошки активности, како вулкани, во изминатите 100 милиони години.

„Не најдовме ниту еден единствен кратер создаден од удар, што укажува дека најверојанто станува збор за многу млада површина“, изјавил Спенсер.

Според научниците, за ваквите геолошки активности потребен е некаков извор на топлина. Претходно вакви активности се забележани на ледените месечени, а нивната појава е објаснета со „приливна топлина, предизвика од гравитационите интеракции на месечените со нивната планета домаќин“.