Галеријата на Лионел Меси од прославата на победата на Аргентина на Светското првенство во Катар стана најлајкувана објава на социјалната мрежа Инстаграм досега. Фудбалерот кој ја однесе својата земја до првата победа после 36 години собра над 62 милиони лајкови на фотографиите.
Со ова, како што пишува Би-би-си, Меси го зазеде местото на досегашниот рекордер во најмногу лајкови на Инстаграм – фотографијата од јајце.
Аргентина ја победи Франција на пенали откако регуларниот дел од мечот заврши без победник во финалето на Светското првенство што се одржа во неделата.
По победата, од организацијата на Гинисовите светски рекорди соопштија дека Лионел Меси соборил неколку светски рекорди, при што го надминал германскиот фудбалер Лотар Матеус во најмногу одиграни натпревари на светски првенства, вкупно 26.
Меѓу другото, Меси има освоено и најмногу награди за „Играч на натпреварот“ на Светските првенства (вкупно 11), најмногу настапи како капитен на тимот (19) и како првиот играч што асистирал гол на пет различни светски првенства.