Свет Обама за „Би-Би-Си“: Законите за оружје во САД се мојата најголема фрустрација

Обама за „Би-Би-Си“: Законите за оружје во САД се мојата најголема фрустрација

Претседателот на САД, Барак Обама, во интервју за британскиот национален медиумски сервис „Би-Би-Си“, изјавил дека неуспехот да го спроведе законот за контрола на носењето оружје во САД е најголемата фрустрација во неговиот претседателски мандат.

Во интервјуто, Обама рекол дека е вознемирувачки тоа што нема прогрес по ова прашање и покрај тоа што земјата „се соочува со масовни убиства што се повторуваат“.

Тој ветил дека ќе продолжи со обидите околу контролата на оружјето, но како што напоменал уредникот на „Би-Би-Си“ за Северна Америка, Џон Сопел, американскиот претседател на звучел многу самоуверено.

Неколку часа по интервјуто, вооружен маж отвори оган во кино во сојузната американска држава Луизијана, убивајќи две лица пред да се самоубие.

Обама, за „Би-Би-Си“ рекол дека расните релации за време на неговиот мандат биле значајно подобрени.

Тој, меѓу другото, истакна и дека „Велика Британија мора да остане во Европската унија за да го задржи влијанието на светската сцена“, потоа дека е уверен оти „нуклеарниот договор со Иран ќе помине во Конгресот на САД“ и дека „е потребно политичко решение за Сирија и на тој начин да се порази милитантната група Исламска држава“.