Македонија Нуредини: Тендерот за линданот во ОХИС не пропаднал, туку е само продолжен

Нуредини: Тендерот за линданот во ОХИС не пропаднал, туку е само продолжен

Фото: Архива на Мета

Меѓународниот тендер за линданот не пропаднал, тој е продолжен до 16-ти декември од УНОПС за да се даде повеќе време за повеќе компании да покажат интерес за учество на тендерот, информираше денес министерот за животна средина Насер Нуредини. Очекуваме, додаде тој, да бидат презентирани иновативни идеи за чистење и ремедијација на малата депонија со линдан во апликациите на меѓународните компании кои ќе се пријават на тендерот.

„Мета.мк“ веќе пишуваше дека 15 октомври беше објавен тендер за чистење на малата депонија со линдан сместена на просторот на некогашен Охис, со што беше означен процесот на решавање на оваа жешка еколошка точка, која го загадува поширокиот простор на скопската котлина, вклучувајќи ги воздухот, почвата и подземните води.

Тендерот требаше да биде затворен на 11 ноември, но УНОПС – агенцијата на Обединетите нации која го распиша тендерот – реши да го продолжи до 16 декември за да им овозможи на потенцијалните понудувачи подолг период да подготват презентација на технологија за ремедијација, планови поврзани со безбедното работење за малата депонија. Според Нуредини, чистењето на малата депонија ќе чини 6 милиони долари, додека чистењето на големата се предвидува да чини од 40 до 60 милиони долари.

Чистењето на малата депонија би требало да почне во март, а најдоцна до мај или јуни, појасни министерот за животна средина.