Владата донесе одлука да одвои еден милион евра од годинешниот буџет за чистење на малата депонија на канцероген линдан во кругот на поранешната хемиска фабрика ОХИС во Скопје. Овие средства се само мал дел од потребната инвестиција во справувањето со еколошката катастрофа, која се смета дека е најголемиот еколошки проблем во земјата.

Во краткото објаснување на веб-страницата на владата се вели дека средствата ќе бидат „уплатени на сметката на Канцеларијата за проектни услуги на Обединетите нации (UNOPS), со која Владата на Северна Македонија и Кралството Норвешка, подготвија план за „Поддршка на Кралството Норвешка и Владата на Северна Македонија за чистење на еколошкото жариште ОХИС“.

Објавен долго-очекуваниот меѓународен тендер

Организацијата на ОН за индустриски развој (УНИДО), на својата официјална веб-страница неодамна објави меѓународен тендер за прибирање на понуди за чистење на линданот од малата депонија во ОХИС. Тендерот насловен како „Отстранување на техничките и економските бариери за започнување на ремедијацијата на локациите контаминирани со α-HCH, β-HCH и линдан во ОХИС“ е отворен за понуди до 11 ноември годинава.

Тендерот беше најавуван уште не почетокот на годината, односно најдоцна до летото, меѓутоа на крајот беше објавен во средината на октомври.

Во кругот на фабриката ОХИС се закопани илјадници тони линдан, вклучувајќи и алфа, бета и делта изомери на ХЦХ (хексахлороциклохексан), високо-токсични супстанци кои можат да предизвикаат и рак. Самиот линдан е гама изомер на ХЦХ. Овие токсични материи раководството на фабриката кон крајот на 70те години на минатиот век решава да ги закопа во дворот на фабриката. Со текот на годините тие се претворени во над 60.000 тони контаминирана почва во две депонии, мала и голема. Покрај почвата, контаминирани се и подземните води и воздухот.

Справувањето со катастрофата во ОХИС ќе трае долго и ќе чини многу

Иако проблемот со линданот не е непознат за македонските власти, до сега ниту една влада не се решила да се нафати со негово чистење.

„Мета.мк“ во декември минатата година започна со објавување серија написи, инфографици, интерјвуа и видеа кои се однесуваа на еколошкиот проблем во фабриката ОХИС. Новинарите на „Мета.мк“, исто така, открија дека во месноста Пеленица во Драчево постои уште една дива депонија на линдан која што не беше позната за јавноста.

По нашите пишувања властите одлучија да ја оградат дивата депонија и да забранат одржување на детски екскурзии во манастирот кој се наоѓа во близина на Пеленица. Сепак, депонијата во Пеленица сè уште ја чека таблата со ознаки и предупредување, а не се познати планови за чистење на оваа дива депонија во блиска иднина.

Потоа властите се заинтересираа подетално за проблемот и беше најавен напорот за чистење на депонијата. За комплетното чистење на еколошката катастрофа во ОХИС ќе бидат потребни повеќе години и десетици милиони евра.

Покрај линдан во кругот на фабриката има иа големи количества жива, пестициди, ПВЦ во прав и други отровни супстанции кои се штетни за здравјето на луѓето и за животната средина.