Македонија Новинарите до Иванов: Без реформи во медиумите, нема услови за слободни избори

Новинарите до Иванов: Без реформи во медиумите, нема услови за слободни избори

Претставници на пет новинарски и медиумски организации денеска имале средба со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, на која било разговарано за можноста за продолжување на разговорите за медиумските реформи пред изборите.

Тие, како што е наведено во соопштението, на Иванов му го пренеле ставот дека сè додека не бидат спроведени медиумските реформи, во Македонија нема да има услови за слободни и веродостојни избори.

„Претставниците на организациите го информираа претседателот дека во текот на следната недела ќе достават иницијатива за измени и за дополнувања во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги до пратениците на Собранието, како вовед во сеопфатни и темелни реформи во медиумскиот систем. Целта на измените и на дополнувањата на законот е да се обезбеди независен и професионален регулатор, институционална автономија и уредувачка независност на МРТ, како и намалување на обврските и високите казни кон медиумите. Исто така, потребно е да се забранат владините реклами во медиумите“, стои во соопштението на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Претседателот Иванов, се додава во соопштението, изразил подготвеност да помогне во процесот и побарал листа на приоритетни теми за кои тој може да даде свој придонес.