Македонија Новинарите на МПМ почнуваат со штрајк на неопределено време

Новинарите на МПМ почнуваат со штрајк на неопределено време

Новинарите и другите медиумски работници на „Медиа принт Македонија“ (МПМ), денеска, на Денот на македонското новинарство (17 февруари), ќе стапат во штрајк на неопределено време.

Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вест“.

– Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи. Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ – соопштија од ССНМ.

Од таму додаваат дека „наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите.“

Вчера, компаниите „Орка Холдинг“, и „Интернет груп инвестмент“ соопштија дека ги продале своите удели во „Графички центар – Скопје“, сопственикот на МПМ.