Свет Европа Нови жртви од руските ракетни напади врз Украина

Нови жртви од руските ракетни напади врз Украина

Уништени куќи во Донецкиот регион; Извор на фотографија: Укринформ

Најмалку едно лице загина, а неколкумина се повредени утрово во рускиот ракетен напад врз пазар во селото Шевченкове во Харкивскиот регион, пренесува Гардијан. Украинските власти информираат дека во нападот имало седуммина повредени, а во моментов на терен работат спасувачките екипи за помош на цивилните жртви. Ракетите врз пазарот биле истрелани од систем за противвоздушна одбрана С-300.

Двајца цивили загинаа во Донецкиот регион во изминатово деноноќие, како резултат на руските воени дејствија во градовите Бахмут и Соледар. Две лица се повредени во нападите, а украинските власти информираат дека токму во овие два града во моментов се најжестоки нападите на руските сили, пренесува Укринформ.

Руското Министерство за одбрана синоќа објави дека извршило ракетен напад врз воени објекти во градот Краматорск во Донецкиот регион, при што тврдат дека биле убиени повеќе од 600 украински војници. Сепак, ваквите тврдења беа отфрлени од украинските власти како невистинити. Градоначалникот на Краматорск изјави дека нема жртви во ракетниот напад врз зградите, додека сведок во изјава за агенцијата Ројтерс потврди дека објектите биле оштетени во ракетниот напад, но немало знаци за загинати лица, пренесува Гардијан.

Во меѓувреме, украинските власти потврдуваат дека Русија доведува нови воени сили и опрема во Белорусија. Белоруското Министерство за одбрана соопшти дека воените сили на двете земји ќе имаат “заеднички вежби” во периодот од 16 јануари до 1 февруари, кои ќе се состојат од воздушни и тактички вежби. Притоа, тие соопштуваат дека сите воздухопловни бази и вежбовни центри во Белорусија ќе бидат вклучени во ваквите “вежби”, пишува Укринформ.