Македонија Новата влада ќе гради патишта, а Груевски ќе прави увид во доказите...

Новата влада ќе гради патишта, а Груевски ќе прави увид во доказите за перење пари

СДСМ реагираше на денешните изјави на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при денешната посета на автопатот Миладиновци – Штип, за кој СЈО денеска покрена нов случај, „Траекторија“. СДСМ порача дека Груевски ќе може да прави увид само во доказите против него за перење пари и за милионски провизии, а новата реформска влада ќе гради патишта.

„Новата реформска Влада ќе изгради модерна и безбедна патна инфраструктура според сите законски и современи процедури во интерес на граѓаните на Република Македонија. Никола Груевски ќе прави и увид и отчет за доказната документација против него, посебно што и официјално се сомничи за перење пари како и за 25 милионската провизија само за автопатот Миладиновци – Штип, за којашто слушнаа граѓаните во проектот Вистината за Македонија. Појавувањето на Груевски на автопатот за којшто тој се товари за местење тендер е одраз на фактот дека виновникот секогаш се враќа на местото на кое го сторил делото“, порача СДСМ.

Партијата посочи на неправилно изградени автопати и порача дека ВМРО-ДПМНЕ мора да се огради од Никола Груевски и „криминалното раководство“ на партијата.

„Тоа што само во последното деноноќие има две сообраќајни несреќи на патишта поради тоа што нема наместени мрежи за животни, а Груевски договарал милионски провизии по автопат што ги сместувал на своите сметки, ја покажува огромната негрижа на овој човек за граѓаните цели 10 години. Неопходно е чесните и одговорни членови, поддржувачи и пратеници на ВМРО ДПМНЕ да се оградат од непресметливите потези на Никола Груевски и на криминалното раководство на партијата и како конструктивна оппзиција, во интерес на државата и граѓаните да ги поддржат потребните реформи што ќе ги спроведе новата Влада“, стои во соопштението на СДСМ.