Свет Балкан Нова серија обвинувања меѓу Косово и Србија по апсењето на тројца косовски...

Нова серија обвинувања меѓу Косово и Србија по апсењето на тројца косовски полицајци

Бараме итно ослободување на тројца киднапирани полициски службеници и ги повикуваме меѓународните фактори да го осудат овој акт на агресија на Србија, изјави Курти

Извор: Принтскрин од видео на српското Министерство за внатрешни работи (14.06.2023)

Косовскиот премиер Албин Курти денеска изјави дека Србија извршила агресија врз Косово со чинот на киднапирање на тројца припадници на косовската полиција, јавува Радио-телевизија Косово. Полицајците биле киднапирани на место на некогашна рута за шверц, која се наоѓа во косовска територија, и тоа на 300 метри од самата косовско-српска граница.

„Се сомневаме дека се киднапирани од српската војска, јасно е дека станува збор за одмазда на Србија за вчерашното апсење на озогласениот криминалец Милун Миленковиќ-Луне, кој претставува еден од водачите на организираниот криминал и шверц“, изјави Курти.

Тој додаде дека навлегувањето на српските сили на територијата на Косово е чин на агресија, со цел ескалација и дестабилизација на ситуацијата.

„Бараме итно ослободување на тројца киднапирани полициски службеници и ги повикуваме меѓународните фактори да го осудат овој акт на агресија на Србија“, изјави Курти.

Српските власти пак засега тврдат дека припадници на нивната специјална полиција во централниот дел на Србија уапсиле тројца вооружени косовски специјалци. Сепак, директорот на Канцеларијата за Косово Петар Петковиќ попладнево изјави дека српските полицајци не ја прекршиле Резолуцијата 1244 на Обединетите нации и не навлегле на косовска територија.

Косовските полицајци биле вооружени со автоматско оружје и имале ГПС уреди, мапи и друга опрема, а српските власти тврдат дека тие „сакале да извршат акција“, која по сите параметри претставувала „терористички акт“ за дестабилизација и ескалација на состојбата, пренесува Радио-телевизија Србија.