Ctrl - Z Нов CtrlZ предизвик – видео конкурс: Образованието во фокус, крени глас за...

Нов CtrlZ предизвик – видео конкурс: Образованието во фокус, крени глас за проблемите на час

Фондацијата Метаморфозис објавува #CTRLZпредизвик за млади: Образованието во фокус, крени глас за проблемите на час – конкурс за најдобро видео на тема „образование“. Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 14 до 29 години. 

Учесниците на конкурсот треба да создадат кратко видео на тема „образование“ во кое ќе претстават одреден проблем од основното, средното или високото образование. 

Како дојавите за бомби во училиштата влијаат на наставниот процес? Дали онлајн учењето може да биде еднакво квалитетно како и она во училница или амфитеатар? Колку е навистина инклузивно образованието? Задоволни ли сте од практичната настава на факултет? Имаме ли можеби премногу државни и приватни универзитети?  Колку се подготвени дипломираните средношколци и студенти за пазарот на труд? Дуално стручно образование, стипендиите – дополнителен мотив за избор на професија, технологијата и вештачката интелигенција како алатки за унапредување на квалитетот на образованието, корупција, дискриминација… 

Ова се само дел од прашањата на кои може да се фокусираат учесниците во видео-конкурсот. За повеќе идеи, авторите можат да ја погледнат категоријатаобразование“ каде се наоѓаат сите написи на темата што Новинската агенција „Мета.мк“ активно ја следи. 

Видеото не треба да биде подолго од четири минути, а јазикот на видеото (доколку нешто се зборува или пишува) може да биде македонски, албански или англиски. Ќе се прифаќаат и содржини во кои не мора да има говор или текст, односно пораката може да биде пренесена преку она што се прикажува во видеото. 

Видеото може да биде снимено со каква било камера, мобилен телефон или друг уред. 

Во случај да се користат материјали кои не се авторски, задолжително е тие да се со отворена лиценца, односно да се слободни за бесплатно користење. Забрането е користење материјали заштитени со авторски права или плагијаторство во апликациите. 

Секој автор може да учествува со најмногу едно видео. Видеата се испраќаат на адресата info@meta.mk со назнака ВИДЕО КОНКУРС. Поради ограничувањата, поголемите видеа можат да бидат испратени преку некоја од платформите за споделување големи податоци (како „WeTransfer“). Во пораката треба да бидат наведени податоците за авторот – име, презиме, датум на раѓање,  телефонски број, како и линкови до неговиот/нејзиниот профил на социјалните мрежи Инстаграм и Фејсбук. 

Видеата ќе ги оценува комисија составена од новинари и претставници на Британската амбасада во Скопје. Најмногу ќе се вреднува идејата, креативноста при изработката и силината на пораката на доставените содржини. 

Победничките видеа ќе бидат објавени на каналите на Фондација Метаморфозис. 

За победниците на Конкурсот се обезбедени награди: 

Прво место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 15.000 денари; 

Второ место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 6.000 денари; 

Трето место – ваучер за ИТ опрема во вредност од 3.000 денари. 

Видео- конкурсот е отворен до 5 април, а победниците ќе бидат прогласени најдоцна во втората седмица од април.