Економија Незири: За субвенции во земјоделството и во сточарството инвестирани 150 милиони евра

Незири: За субвенции во земјоделството и во сточарството инвестирани 150 милиони евра

Mинистерот за економија, Беким Незири, изјави дека за субвенционирање на земјоделството и на сточарството во 2015 година се инвестирани 150 милиони евра, од кои 35 милиони евра се распределени во општините со кои раководат Албанци.

– За 2016 година, оваа сума ќе се зголеми за дополнителни 2 милиони евра и субвенциите за земјоделците Албанци ќе достигнат 37 милиони евра, од предвидените 150 милиони евра – изјави министерот Незири.

Државниот секретар во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Бесир Јашари, најави дека има подготвен проект и отворен тендер за изградба на ХЕЦ Равен – Речица, во вредност од 18 милиони евра.

– Во фаза на подготовка е документација за изградба на браната на реката Слупчане, со која ќе се обезбедат дополнителни количества вода за пиење во населените места на општина Липково и за наводнување на 5.000 хектари обработливо земјиште. За овој проект ќе бидат издвоени 13 милиони евра. Во албанските населби од програмата за рурален развој, односно локални патишта, водоводи, урбанистичкото планирање и за канализација, оваа година се инвестирани вкупно 7,2 милиони евра. Во овие населби, за потребите на земјоделците, изградени се вкупно 40 километри планински патишта, во вредност од 82.000 евра, а за расчистување на каналите во должина од 16,8 километри, инвестирани се вкупно 270.000 евра – изјави Јашари.