Македонија Невладините бараат од Владата информации за администрацијата и поголема отвореност

Невладините бараат од Владата информации за администрацијата и поголема отвореност

Граѓанскиот сектор бара дополнителна ефикасност и транспарентност во поглед на регистарот на вработени во јавните институции, соопшти владината служба за информирање.

Од граѓанските организации, на денешната средба со работни групи од министерствата, било побарано да се подобри ефикасноста на примената на Законот за пристап до информации од јавен карактер и да се обезбеди поголема транспарентност на податоците за привремените вработувања.

Денешната средба е дел од процесот за консултации со граѓанските организации за планот „3-6-9“ за итни реформи.

Во наредниот период, сметаат граѓанските организации, неопходно е тие да бидат поактивно вклучени во работата на собраниските комисии, односно нивното учество да биде загарантирано.

Во однос на независните регулаторни тела, граѓанските организации побарале поголема транспарентност, a директорите, освен обврската пред Собранието, да ги презентираат извештаите за нивната работа и јавно и да носат и одговорност за нивната работа.

Во исто време сметаат дека е неопходна ревизија на Изборниот законик, соодветна систематизација во Државната изборна комисија, како и нова методологија за следење на избирачкиот список.