Главна секција Неизвесен исход на изборите во САД, во некои сојузни држави ќе треба...

Неизвесен исход на изборите во САД, во некои сојузни држави ќе треба да се добројат гласовите добиени преку пошта

Фото: Wikimedia commons

Победникот на претседателските избори во САД сѐ уште е неизвесен, бидејќи до сега ниту еден од двајцата кандидати – демократот Џо Бајден и републиканецот Доналд Трамп не успеаја да ги добијат неопходните 270 електорски гласа, кои им го гарантираат изборот за иден претседател на најмоќната држава во светот.

Како што јавува „Гардијан“, изборните резултати во сојузната држава Висконсин се очекува да бидат објавени денеска, заедно со крајниот исход од гласањето во Мичиген. Сепак, лондонскиот весник пишува дека на Невада, Џорџија, Северна Каролина и Пенсилванија можеби ќе им требаат неколку дена за да го завршат процесот на броење на гласовите, земајќи го во предвид фактот дека во овие држави имаше зголемено рано гласање по пошта.

Според досегашните податоци што ги објавија Би-би-си и Си-ен-ен, Џо Бајден има освоено 224 електорски гласа, додека Трамп собрал 213 електорски гласа. Би-би-си пренесува прелиминарни проценки дека на изборите во САД гласале над 160 милиони американски граѓани, што претставува најголема излезност во изминативе 120 години. Од нив, рекордни над 100 милиони гласачи, го искористија своето право за да гласаат преку рано гласање.

И покрај тоа што исходот од американските претседателски избори е непознат, актуелниот претседател Доналд Трамп уште утрово се обрати од Белата куќа за да прогласи победа, која тој верува дека ја освоил и најави дека ќе бара од Врховниот суд да го спречи пребројувањето.

Демократскиот кандидат Џо Бајден пак изјави дека неговите поддржувачи треба да бидат трпеливи, додека од неговиот табор рекоа дека барањето на Трамп да се спречи пребројувањето на гласовите е срамен обид да се одземат демократските права на американските граѓани кои гласале пред изборниот ден.