Главна секција Негативни се тестовите за корона на Спасовски и на Филипче

Негативни се тестовите за корона на Спасовски и на Филипче

Тестот за Ковид-19 на премиерот Оливер Спасовски е негативен, но тој сепак ќе остане во домашна изолација, соопшти Генералниот секретаријат на Владата. Министерството за здравство соопшти дека и тестот на министерот Венко Филипче е негативен, откако резултатите стасаа вчера, на 8-от ден од тестирањето.

И покрај позитивниот исход од тестирањето, обајцата ќе останат во самоизолација до завршување на теоретскиот инкубациски период за новиот корона вирус, и работните обврски ќе ги извршуваат дигитално.

„Согласно препораките на епидемиолозите, премиерот Спасовски останува и понатаму во изолација во домашни услови и најдисциплинирано ќе се придржува до препораките и советите на лекарите. И во наредните денови во домашна изолација, премиерот Спасовски од дома преку дигитални алатки ќе ги извршува сите активности поврзани со водењето на Владата во услови на вонредна состојба.

Премиерот Спасовски апелира да се почитуваат мерките за физичка дистанца, за носење заштитни маски и да се избегнуваат групирања“, соопшти Генералниот секретаријат на Владата.

Спасовски, Филипче и вицепремиерот Бујар Османи заминаа во самоизолација на 16 -ти овој месец, откако ден претходно беа на заедничка прес-конференција со градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, за кој се утврди дека бил позитивен на корона вирусот во моментот на прес-конференцијата.