Економија НБРМ: Успешно заврши конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура

НБРМ: Успешно заврши конференцијата за плаќања и пазарна инфраструктура

Денеска, успешно заврши 11. конференција за плаќања и пазарна инфраструктура, насловена како „Време е за дигитализација“, организирана од Народната банка во соработка со Централната банка на Холандија, информираат од таму.

„Изминативе три дена, во Охрид, претставници од 21 централна банка од регионот на Западна, Централна и Источна Европа, Заедницата на независни држави, Блискиот Исток и Северна Африка, како и претставници од домашниот финансиски сектор, дискутираа, полемизираа и разменуваа искуства за предизвиците на дигитализацијата на плаќањата. Особен придонес во овие дискусии имаа високи претставници од Европската комисија, Европската централна банка, централните банки коишто му припаѓаат на Европскиот систем на централни банки, Банката за меѓународни порамнувања и Светската банка“, се вели во соопштението на НБРМ.

НБРМ и Министерството за финансии подготвуваат нацрт-закон за платежни услуги и платни системи прилагоден на ЕУ-регулативи во оваа област.

„Со усвојувањето на овој нацрт-закон, чие подготвување е во завршна фаза, се очекува зголемување на конкуренцијата во сферата на плаќањата преку влез на нови небанкарски даватели на платежни услуги, појава на иновативни решенија за извршување на плаќањата, намалување на цените на платежните услуги, обезбедување подобра заштита на потрошувачите и унапредување на сигурноста на дигиталните плаќања“, се додава во соопштението.