Економија Наумов: Со издавањето на еврообврзницата, јавниот долг ќе надмине 5 милијарди евра

Наумов: Со издавањето на еврообврзницата, јавниот долг ќе надмине 5 милијарди евра

Одлуката да се издаде еврообврзница на износ од 650 милиони евра е финансиско злосторство врз граѓаните, економијата и врз идните генерации, обвини денеска на прес-конференција Кире Наумов од СДСМ.

Тој рече дека со најавеното издавање на еврообврзницата на износ од 650 милиони евра, јавниот долг и официјално ќе го надмине износот од 5 милијарди евра или 54 отсто од БДП.

– Тоа се 5 милијарди евра на грбот на идните генерации. Криминалната власт ги крати капиталните инвестиции под изговор дека бил предизборен период, а задолжувањата неколкукратно ги зголемува во изборна година. Јасно е дека Кирил Миноски е избран да биде камиказата и да стави потпис на ова незаконско, криминално задолжување. Со ставањето потпис на издавањето на еврообврзницата, Миноски ќе биде директниот извршител на ова финансиско злосторство. За ова, Миноски и сите инволвирани, по промената на власта ќе понесат кривична одговорност. Ги известуваме „Сити банк“, „Дојче банк“, „Ерсте банк“ и „Сосиете Женерал“, како агенти за издавањето на најавената еврообврзница, дека согласно Законот за Влада, сè уште на сила се законски норми како и при издавањето на четвртата еврообврзница. Ако не биде испочитувана истата правна процедура, како при издавањето на таа еврообврзница, тогаш по промената на власта ќе го оспориме ова задолжување како законски јавен долг – рече Наумов.

Тој додаде дека оваа влада нема легалитет да носи вакви одлуки со кои ги задолжува државата и идните генерации.