Свет Европа НАТО и Русија го обновуваат дијалогот

НАТО и Русија го обновуваат дијалогот

НАТО и Русија, чии односи се заладени поради украинската криза, денеска го обновуваат дијалогот иако тензиите меѓу Брисел и Москва и понатаму се силни.

Дваесет и осум амбасадори на земјите членки на НАТО и амбасадорот на Русија ќе се состанат попладнево во седиштето на Сојузот во Брисел, првпат во форматот Совет НАТО – Русија од јуни 2014 година.

За да го изрази својот протест против руската анексија на Крим и офанзивата на руските сепаратисти на истокот на Украина пролетта 2014 година, НАТО ја суспендираше секоја практична соработка со Москва, која ја обвини дека ги поддржува бунтовниците со оружје и со сила.

На дневен ред на состанокот, меѓу другото, ќе биде договорот од Минск за да се запрат украинските судири, да се зголеми транспарентноста и предвидливоста на воен план, но и состојбата во Авганистан.

Во теорија, каналите за политички дијалог останаа отворени, но односите беа значително затегнати, па поради тоа немаше никаква комуникација ако не се сметаат неколкуте разговори меѓу генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, по кои следуваа остри коментари.