Економија Нападите не го намалија бројот на чартер-летови од Скопје за Турција

Нападите не го намалија бројот на чартер-летови од Скопје за Турција

И покрај влошената безбедносна состојба и зачестените терористички напади во Турција, граѓаните не се откажуваат од летувањето во најбараната туристичка дестинација, Анталија, информираат од туристичките агенции во Македонија.

– Во Анталија немало терористички напади, туристите не се плашат и не ги откажуваат аранжамните. Секој ден има чартер-летови кои се полни. Граѓаните ги користат намалените цени во хотелите бидејќи ги нема туристите од Русија, поради што цената на аранжманите е намалена – вели сопственикот на туристичката агенција „Фибула“, Асим Меџедовиќ.

Во најпосетуваната туристичка дестинација, Грција, зголемувањето на данокот на додадена вредност (ДДВ) не повлече поскапување на закупот на апартмани и на хотелските услуги.

– Кога се склучуваа договорите за закуп на апартмани и на хотели во Грција, данокот не беше зголемен, така што цените останаа фиксни и по зголемувањето на ДДВ. Поскапувањата во Грција туристите можеби ги почувствуваа во ресторани и во кафулиња – изјави заменик -претседателот на Здружението на угостители и туризам при Стопанска комора, Славе Сирачевски.

Од безбедносни причини, агенциите не нудат аранжамни за Тунис, Хургада, Шарм ел Шеик, како и за Сицилија и за Сардинија, кои, поради навалата од руски туристи, се прескапи за наши услови.