Свет Најмалку седум убиени во вооружен напад во Мичиген, САД

Најмалку седум убиени во вооружен напад во Мичиген, САД

Најмалку седум лица се убиени, а три се ранети откако непознат напаѓач синоќа отворил оган на повеќе локации во градот Каламазу во американската сојузна држава Мичиген, пренесуваат светските медиуми.

Според „Би-Би-Си“, пет лица биле убиени во ресторан, а две на паркиралиште на локален салон за автомобили. Неофицијално, како што пренесува британскиот национален сервис, меѓу убиените е и осумгодишно дете.

Полицијата, според информациите, привела 45-годишен маж и соопштила дека нема повеќе опасност по јавната безбедност.

Осомничениот не пружал отпор при апсењето, а во неговиот автомобил полицијата пронашла оружје.

Заменик-шерифот на Каламазу, Пол Матијас, изјавил дека напаѓачот пукал во жртвите по случаен избор, а настанот го опишал како „најстрашен кошмар“.

Нападот, според извештаите на медиумите, се случил на три локации, пред ресторанот „Крекер барел“, во салон за автомобили на „Киа“ и пред станбен блок.