Свет Европа Најмалку седум цивили загинаа од руското гранатирање на Харкивската и Донецката област

Најмалку седум цивили загинаа од руското гранатирање на Харкивската и Донецката област

Извор на фотографија: Државна служба за итни случаи на Украина

Најмалку седум цивили загинаа во руското гранатирање на населени места во Харкивската и Донецката област. Гардијан пренесува дека во Донецката област била погодена станбена зграда во градот Часив Јар, каде што загинале шест лица, а се стравува дека под урнатините се наоѓаат над 34 лица. Во рускиот напад се повредени и најмалку пет лица.

Уште еден напад врз цивилни објекти е регистриран во Харкивската област, каде што најмалку едно лице го загуби животот, а двајца се повредени, јавува Укринформ. Во градот Печенихи била погодена куќа, при што било убиено 20-годишно момче. Од руските гранатирања бил погоден и градот Харкив, каде што е повредено едно лице а целосно е уништена зграда на образовна институција.

Украинските власти тврдат дека руските напади со несмалено темпо продолжиле и во изминатово деноноќие, при што нивните безбедносни сили засега успеваат да ги одбијат обидите за напредување на руската војска кон градот Словјанск во Донецката област.

Во изминатово деноноќие се регистрирани воздушни напади и во градовите Миколаив, Криви Рих и во населени места во областа Запорожје. Гардијан ги пренесува најновите податоци на британското Министерство за одбрана, во кое се наведува дека руските сили освоиле мала територија околу градот Попасна во Донецката област. Тие додаваат дека автопатот Е-40 којшто ги поврзува Харкив и Донецк ќе биде една од целите за завземање на руските сили, во обидот да ја освојат Донецката област.