Свет Најмалку 80 шиитски аџии убиени во бомбашки напад во близина на Карбала

Најмалку 80 шиитски аџии убиени во бомбашки напад во близина на Карбала

Најмалку 80 луѓе, од кои поголемиот број Иранци, загинале во самоубиствен бомбашки напад кој денеска се случил јужно од главниот град на Ирак, Багдад, на бензинска пумпа, која била полна со автобуси со шиити кои се враќале од аџилак од светиот град Карбала, јавуваат светските медиуми.

Нападот, кој бил изведен со камион полн со експлозив, се случил во селото Шомали, 120 километри југоисточно од Багдад и 80 километри од градот Карбала.

Одговорноста за нападот, како што јавува „Би-би-си“, ја презела Исламска држава (ИД), преку соопштението испратено до нивната новинска агенција „Амак“, во кое се тврди дека во нападот загинале најмалку 200 луѓе.

Во понеделникот оваа недела, меѓу 17 и 20 милиони шиити пристигнале во градот Карбала на одбележувањето на празникот Арбаин, со кој се означува крајот на 40-дневниот период на оплакување на смртта на имамот Хусеин, внук на пророкот Мухамед. Имамот Хусеин е убиен во 680 година во битка кај Карбала, момент кој уште повеќе ја продлабочил поделбата меѓу шиитите и сунитите.

Годинава беа преземени силни мерки на безбедност при одбележувањето на големиот шиитски празник бидејќи изминатите неколку години тој беше цел на напади од страна на ИД.