Свет Најмалку 19 загинати во пад на руски хеликоптер во Сибир

Најмалку 19 загинати во пад на руски хеликоптер во Сибир

Најмалку 19 лица загинале во пад на руски хеликоптер во Северозападен Сибир, јавуваат светските медиуми, повикувајќи се на официјални претставници на Москва.

Хеликоптерот од типот „ми 8“, кој превезувал 22 работници, се урнал вчера во регионот Јамало-Ненетски во Сибир, пренесува „Би-би-си“.

Рускиот претседател Владимир Путин им изразил сочувство на роднините на жртвите, соопштил неговиот портпарол.

Тројца од преживеаните патници биле хоспитализирани, а маглата и лошата видливост ја отежнале операцијата за пронаоѓање и за спасување на патниците. Хеликоптерот се приземјил на десната страна од трупот поради што жртвите не можеле да излезат од него, изјавил портпарол на армијата.

Во тек е криминалистичка истрага за случајот, но истражителите сметаат дека причина за падот најверојатно е пропуст во процедурата за летање, механички проблем со леталото или лошите временски услови.

Хеликоптерот летал од наоѓалиште на нафта и гас во регионот на Краснојарск кон малата населба Уренгои.