Свет Најмалку 18 убиени во напад на ресторан во Буркина Фасо

Најмалку 18 убиени во напад на ресторан во Буркина Фасо

Најмалку 18 луѓе се убиени, а осум ранети во терористички напад во ресторан во Буркина Фасо, кога вооружени лица синоќа отвориле оган кон гостите кои седеле пред објектот, во главниот град на земјата, Уагадугу, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на владини извори.

„Ова е терористички напад“, изјавил министерот за комуникации на Буркина Фасо, Реми Данџини на прес-конференција, додавајќи дека бројот на жртвите е прелиминарен, бидејќи операцијата на безбедносните сили сè уште трае.

Најмалку двајца од осомничените милитанти биле убиени во интервенцијата на безбедносните сили на Буркина Фасо.

Буркина Фасо, како и останатите земји од Западна Африка, повремено е цел на напади од страна на милитантни групи. Најголем дел од нападите се случуваат во северниот регион, на границата со Мали, земја која е мета на исламистичките екстремисти повеќе од 10 години.

Како што пренесува „Би-би-си“, се стравува дека последниот напад е дело на еден од разграноците на Ал каеда, кои се активни во регионот Сахел.

Во напад на милитанти во кафуле во Уагадугу во јануари, минатата година, загинаа 30 лица.