Подглавна секција Најмалку 12 загинати во новиот бран руски ракетни напади врз Украина

Најмалку 12 загинати во новиот бран руски ракетни напади врз Украина

Десет луѓе загинале во централниот град Уман, откако проектили погодиле станбени згради. Во градот Днипро загинале две лица, меѓу кои и едно дете, а уште тројца се повредени во ракетниот напад

Уман, Украина / фото: Укринформ

Најмалку 12 лица загинаа при руските воздушни напади што рано утринава погодија повеќе градови во Украина, вклучувајќи го и главниот град Кијив. Од нив, десет луѓе загинале во централниот град Уман, откако проектили погодиле станбени згради, пренесува Би-би-си.

Во градот Днипро загинале две лица, меѓу кои и едно дете, а уште тројца се повредени во ракетниот напад, јави Укринформ.

Експлозии имало и во градовите Кременчук и Полтава.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека во Уман биле уништени 10 станбени блокови и дека нападите покажуваат оти е потребно да се преземат дополнителни меѓународни мерки против Русија.

Нема информации за цивилни жртви во Кијив, а шефот на градската воена управа рече дека ова е прв руски ракетен напад врз главниот град во последните 51 ден, јави Би-би-си.

Руските напади се случуваат додека се верува оти украинските сили се подготвуваат за офанзива со воена опрема, вклучително и тенкови, испорачана од западните сојузници.

Инаку, Укринформ објави дека до утрово, како резултат на руската вооружена агресија врз Украина биле убиени 471 деца, а повредени 952. Овие податоци не се конечни, бидејќи траат напорите за утврдување на жртви во областите на воените операции на привремено заземените и ослободените територии.