Економија Надлежните се договорија, вработените во УЈП ќе добијат повисоки плати за 30...

Надлежните се договорија, вработените во УЈП ќе добијат повисоки плати за 30 отсто

Директорката на УЈП рече дека договорот бил постигнат во петокот, а вработените, веќе со следната исплата ќе добијат покачување на платите

Сања Лукаревска, фотографија од службениот Фејсбук профил

Постигнат е договор помеѓу Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) и институцијата, околу барањата на вработените да им се зголемат платите за 30 отсто и да се почитува општиот колективен договор. Ова денеска го соопшти директорката на УЈП, Сања Лукаревска во емисијата „Клик плус“ на ТВ21.

Таа рече дека договорот бил постигнат во петокот, а зголемени плати вработените ќе добијат веќе од следната исплатена плата.

„Во рокот кој беше согласно законот за мирно решавање на спорови, го потпишавме колективниот договор помеѓу работодавецот, односно УЈП и репрезентативниот синдикат на УЈП – „Солидарност“ и истиот го доставивме до Министерството за финансии за што добивме позитивно мислење“, истакна Лукаревска.

Таа рече дека протестите од два часа во текот на работниот ден на вработените во УЈП и најавата за генерален штрајк повеќе не се опасност за работењето на институцијата и дека барањето за остварување на правото на вработените „го виде своето светло за денот“.

„Јас можам да кажам дека ние долго време немаме никакво поместување во она што значи плати на вработените во УЈП и сметам дека овој процес навистина го водевме доста сензитивно, не сакајќи да направиме какви било дисторзии во општественото функционирање“, рече Лукаревска.

Минатиот месец синдикалната организација на УЈП најави генерален штрајк доколку вработените во Управата не го добијат бараното покачување на платите од 30 отсто. Тие се заканија со блокирање на сите исплати во државата.