Свет Балкан На островот Вис пуштена во работа најголемата соларна електрана во Хрватска

На островот Вис пуштена во работа најголемата соларна електрана во Хрватска

Фото: Zbynek Burival на Unsplash

Хрватското електростопанство (ХЕП) ја пушти во работа сончевата електрана на островот Вис, најголема во земјата и вредна 4,1 милион евра. Електраната е прва по ред од седумте соларни електрани кои ХЕП планира да ги пушти во перидот од 2019-2023 година, во рамките на циклусот планиран за нивна изградба, кој е во вкупна вредност од 99,4 милиони евра.

Со изградба на соларната електрана, Вис доби сопствен извор на обновлива енергија и поголема сигурност во снабденоста со електрична енергија, посебно во периодот на зголемена потрошувачка во текот на летната туристичка сезона, пренесува регионалниот деловен портал СЕЕбиз (SЕЕbiz).

Соларната електрана Вис е првата голема електрана изградена на хрватски острови, нејзината јачина е 3,5 мегавати и годишно ќе произведува, целосно на пазарна основа, околу 5 милиони киловат-часови струја, што одговара на потрошувачката на 1.600 домаќинства.

Оваа електрана е лоцирана на земјиште со површина од 5,5 хектари, на брдото Грижева главица, на 3,6 километри југозападно од градот Вис и 4,8 километри источно од Комиж.

Работите на изградбата на оваа електрана ги изведе „Кончар инженеринг за енергетика и транспорт“, и во неа инсталира 11.200 фотонапонски модули од сопствено производство.