Македонија На нелегалната депонија во Тетово веќе четврти ден ноќе се фрла ѓубре...

На нелегалната депонија во Тетово веќе четврти ден ноќе се фрла ѓубре и потоа се гори

Големи количини отпад вчера беа изгорени во близина на железничката станица во Тетово. Од страна на општинските власти ни беше кажано дека овој дел бил исчистен порано, но последните 3-4 дена повторно биле фрлени отпадоци. Од противпожарната единица на Тетово рекоа дека во текот на денот интервенирале два пати на тоа место и се сомневаат дека некој во текот на ноќта фрла и потоа го пали отпадокот, известува „Порталб.мк“.

Иако пред еден месец општинските власти за „Порталб.мк“ рекоа дека ќе интервенираат со полиција и отпадот ќе го дислоцираат, сепак на истото место повторно се најдоа отпадоци, овој пат и изгорени.

„Местото беше исчистено, меѓутоа во последните 3 или 4 дена некој фрлил отпадоци како што се гуми и друго и потоа ги запалил“, рекоа од Општина Тетово.

Од Противпожарната единица на Тетово информираа дека тој ден, на тоа место интервенирале два пати.

„Во текот на денот интервениравме два пати и го изгасивме пожарот, се креваше црн чад и се испушташе многу јака реа, ова не е праведно бидејќи ја загадуваат средината. Не се знае со сигурност кој ги фрла овие отпадоци, дали ги носат од надвор или не, но најверојатно се фрлаат во текот на ноќта бидејќи никој не може да ги види. Постои сомнеж за тоа дека неколку ромски семејства изградиле монтирани куќички и таму престојуваат, затоа има шанси и дека тие ги горат“ истакна Ука Алити, командир на противпожарната единица на Тетово.

Алити исто така истакна дека се преземаат мерки ова место да биде под постојан надзор за проблемот да не се повтори.

„Денес разговаравме и со директорот на ОЈП Тетово и се трудиме да координираме неколку работи за да дознаеме од каде доаѓаат и кој ги фрла овие отпадоци. Сега сме и во период кога температурите се многу високи и постои опасност пожарот да ја опфати и изгори тревата бидејќи таа е сува, а од друга страна во близина се наоѓа и една компанија. Што се однесува до чистењето, тоа место беше исчистено, но повторно се фрлени отпадоци и сега општината ќе преземе мерки и ќе го исчисти повторно местото, а и така добивме наредба од градоначалничката ова место да биде 24 часа под надзор“ рече Алити.

Инаку, вакви случаи имало и порано како што се горењето на депонијата во Тетово, горењето на отпадоците во населбата „Блок 70“ и „Дарданија“, горењето на отпадоците во „Ромската населба“, како и многу други.