Дописници На автопатот Миладиновци – Штип сè уште се работи

На автопатот Миладиновци – Штип сè уште се работи

Не се оствари најавата на директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов дека автопатот Миладиновци – Штип ќе биде пуштен во употреба до крајот на мај. Помина и оваа недела, а од најавите нема ништо. Сепак, иако не е пуштен за употреба, со назнака дека не е безбеден, по автопатот се вози, во насока од Штип кон Миладиновци. Екипа на „Мета“ вчера го извозе од почеток до крај, без ниту една пречка, со само две намалувања на брзината при вклучувањето и исклучувањето на автопатот. До патарината „Миладиновци“ се стигнува за 25 минути.

На автопатот сè уште се работи. Коловозните ленти се подготвени, обележани, има сообраќајни знаци, но попатно на две места можат да се забележат работни машини и неколку работници, кои работат на десната страна од патот. Се чини дека на места недостасува заштитна мрежа, а околните ридови на места изгледаат дека не се до крај доведени во ред, за да не предизвикаат свлечиште при поинтензивен дожд.

Возачите се нестрпливи. Бројни се коментарите по социјалните мрежи, кои преминуваат во иронија, па и отворена горчина и нервоза со одолговлекувањето на пуштањето во употреба на овој автопат.