Македонија На 15 јули во некои општини ќе се гласа и во спортски...

На 15 јули во некои општини ќе се гласа и во спортски сали и приватни објекти

Фото: Архива на Мета.мк

Завршени се сите потребни активности околу обработката на податоците и Државната изборна комисија (ДИК) во среда ќе го заклучи Избирачкиот список за претстојните парламентарни избори на 15 јули. Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски изјави дека на овие избори ќе можат да гласаат околу 1.814.000 граѓани. Избирачкиот список е прочистен и во него се впишани сите полнолетни граѓани, а точниот број на гласачи ќе се знае за два дена.

Деркоски денеска информираше дека засега нема голем број на барања за откажување од членството во избирачките одбори и за нивна замена со други членови. Тој појаснува дека членовите на избирачките одбори можат да се откажат од членството само ако имаат сериозни здравствени причини – хронична болест или сериозни семејни причини, при што барањето се поднесува до општинската изборна комисија.

На изборите на 15 јули дефинитивно нема да гласа македонската дијаспора, бидејќи не се пријавиле доволен број на гласачи што сакаат да го остварат своето право во некое од дипломатските претставништва на земјава во странство. За оние што ќе гласаат во земјава, Деркоски посочи дека минатата седмица се извршила теренска проверка на сите гласачки места, при што е утврдено дека огромен број на избирачките места не ги задоволиле критериумите за гласање.

Во пресрет на испочитување на препораките од здравствените власти за гласање во услови на присуство на ковид-19, претседателот на ДИК изјави дека се обезбедени алтернативни адекватни простории што имаат доволна квадратура и можност за проветрување за да се одржи изборниот процес. Во училиштата каде што ќе се гласа, обезбедени се доволен број на училници, додека во некои општини се обезбедени и спортските сали за да се одржи гласањето. Во мал дел од руралните средини каде што има мал број на гласачи ќе се закупат и приватни објекти за да се одржи гласањето.

Од ДИК треба допрва да ги информираат граѓаните на секоја засебна општина за локациите на кои ќе се одржи гласањето врз основа на адресите на живеење на граѓаните, односно каде ќе има промени на избирачките места во споредба со претходните изборни циклуси.