Македонија МВР утврдило DDoS напад врз сајтот на ДИК, но не и кој...

МВР утврдило DDoS напад врз сајтот на ДИК, но не и кој е сторителот

Фото: Арбнора Мемети

Од Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека доставиле известување до Основно Јавно Обвинителство – Скопје во кое ги образложиле сите мерки и активности кои биле преземени во насока на расчистување на случајот пријавен од страна на Државната изборна комисија (ДИК).

„Од доставената пријава и анализата на податоците се констатираше дека при крајот на изборниот процес, а особено во текот на објавувањето на прелиминарните резултати бил регистриран DDoS напад кој што бил насочен на страната https://www.sec.mk/ и кој влијаел на оневозможувањето на публикувањето на резултатите од апликацијата на дедицираниот сервер за објавување на прелиминарните резултати“ соопштија од МВР.

Оттаму додаваат дека дополнително при анализата на податоците кои ги добивало МВР од фирмата ДУНА КОМПЈУТЕРИ а се однесуваат на податоци и датотеки извадени од серверите (дата бази и логови од системите) за понатамошна анализа за можни проблеми со функционалноста на истите, не е утвредено нефункционирање на системите или застој во процесот на безбедносната афтентикација на корисниците за прием и внес на резултатите од изборните комисии.

„Истрагата за овој случај продолжува во насока на утврдување на ИП адресите од каде што е пристигнат нападот, собирање на дополнителни информации за утврдување на нарачателот на овој напад како и утврдување дали имало други причини кои влијаеле или се поврзани со неможноста на објавувањето на прелиминарните резултати“ додаваат од МВР.

На изборната ноќ во идентичен период токму кога требаше да се објават конечната излезност на парламентарните избори и првичните резултати, истовремено падна сајтот на ДИК на кој се објавуваат изборните резултати, а најчитаниот агрегатор на вести во земјава time.mk објави дека е под сајбер напад.

Деновиве, групата која стои зад профилот ANONOPSMKD ги хакна веб-страните на Министерството за здравство и Министерството за образование и наука.