Македонија МОН и УНИЦЕФ ќе спроведуваат акции против врсничкото насилство

МОН и УНИЦЕФ ќе спроведуваат акции против врсничкото насилство

Околу 700 стручни соработници, професионалци за ментално здравје од сите училишта, се обучени во новата Програма за психосоцијална помош и поддршка со цел подобрување на добросостојбата и менталното здравје на учениците

Фото: Министерство за образование и наука

Министерството за образование и наука (МОН) и Фондот на организацијата на обединетите нации за децата (УНИЦЕФ) ќе работат заедно за подобрување на безбедноста во училиштата и намалување на врсничкото насилство.

На денешната работна средба на која присуствуваа министерот за образование и наука Јетон Шаќири, претставничката на УНИЦЕФ во Северна Македонија, Патриција ДиЏовани и претставници од Бирото за развој на образованието, се дискутирало на теми за спречување на насилството, обуки за стручните служби во училиштата и подобрување на менталното здравје и добросостојбата на учениците.

На средбата, како што информираше МОН, присутните постигнале согласност за заедничка координација и искористување на ресурсите за справување со сите форми на насилно однесување, креирање на активности и прирачници кои ќе помогнат во враќањето на довербата и безбедноста во училиштата. Министерот Шаќири истакнал дека МОН активно промовира отворен разговор и вклучување на што повеќе чинители во креирањето позитивна клима во училиштата.

Околу 700 стручни соработници, професионалци за ментално здравје од сите училишта, се обучени во новата Програма за психосоцијална помош и поддршка со цел подобрување на добросостојбата и менталното здравје на учениците. Тие ќе играат водечка улога во спроведувањето на активности за развој на социо-емоционални компетенции и зголемување на психолошката отпорност на учениците и возрасните во училиштата.