Македонија Могерини: Заложбата на ЕУ е тесна соработка помеѓу Унијата и земјите од...

Могерини: Заложбата на ЕУ е тесна соработка помеѓу Унијата и земјите од Западен Балкан

Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Федерика Могерини, денеска на прес-конференција во Брисел ја најави вечерашната неформална средба со, како што рече „премиерите и определениот за премиер од шест балкански држави“, посочувајќи дека средбата е со цел овие претставници со ЕУ да се договорат како да работат подобро заедно во иднина.

– Видовме дека Западниот Балкан е регион кој е клучен за ЕУ, кога станува збор за безбедноста и за превенција од радикализација. Имаме силна соработка со нив во однос на менаџментот на миграцискиот наплив и менаџирање на нашите граници. Често велам дека не говориме за европска перспектива на Западниот Балкан, бидејќи тие се веќе Европа, но поентата е за перспективата за членството во Европската Унија на овие земји – изјави Могерини.

Могерини рече дека со лидерите сака да ја сподели состојбата во регионот, начинот како да се движи напред, како и да разговара со нив како ЕУ може да ги засили можностите и перспективите за добрососедски односи во регионот и за зголемена соработката меѓу нив и Унијата.

-Целта е да се развијат инклузивни општества, добро управување и широки економии. Мојата заложба и заложбата на комесарот Хан но и на тројцата претседатели – Доналд Туск, Жан-Клод Јункер и Антонио Тајани е тесна соработка со сите шест земји. Ова не значи да работиме за нив, туку со нив и тоа е целта на вечерашниот состанок. Неодамна, имаше некои потешкотии, но и некои охрабрувачки чекори, па секогаш е добро да се сретнат и сите заедно да разговараме за чекорите што ќе ги преземеме за во иднина – додаде Могерини.