Главна секција Могерини: На Западен Балкан е напнато, потребна е уверлива поддршка од ЕУ

Могерини: На Западен Балкан е напнато, потребна е уверлива поддршка од ЕУ

Ситуацијата на Западен Балкан е напната, со предизвици на внатрешен, регионален и на глобален план и потребна е силна и уверлива поддршка од Европската Унија за интеграција на тој регион, изјави денеска во Брисел високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини.

Могерини во пресрет на седницата на министрите за надворешни работи и за одбрана на ЕУ, изјави дека за посетата на Западен Балкан ќе ги информира шефовите на дипломатија, а потоа и лидерите на ЕУ в четврток ќе ги извести дека „ситуацијата таму е изложена на предизвици на внатрешен план, регионално, како и глобално“.

Таа истакна дека регионот во себе има способност и сила да се одржи и оти очекува денеска министрите, но и лидерите на ЕУ ќе искажат јасна и силна определеност кон Западен Балкан во смисла на убедливи перспективи за европска интеграција.

Могерини минатата недела беше во посета на Црна Гора, Македонија, Србија, Косово, Албанија и на Босна и Херцеговина, а порастот на напнатоста на Западен Балкан ќе биде тема и на средбата лидерите на ЕУ, која на 9 и 10 март ќе се одржи во Брисел.