Главна секција Могерини: Ќе биде голема грешка ако ЕУ не ги почне преговорите во...

Могерини: Ќе биде голема грешка ако ЕУ не ги почне преговорите во јуни

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини очекува Северна Македонија и Албанија во јуни да ги почнат преговорите за членство во Унијата.

Во обраќањето пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент, Могерини посочи дека би била голема стратешка грешка и пример за „кратковидност” на ЕУ доколку не донесе одлука за покренување на пристапни преговори со Скопје и Тирана во јуни, извести МИА.

Политиката на проширување на ЕУ, според неа, е една од успешните приказни за време на нејзиниот петгодишен мандат и мандатот на актуелниот состав на ЕП.

– Кога ќе ја погледнете мапата на Европа, гледате дека Балканот е дел од неа. Поради оваа причина, наместо терминот проширување, јас лично сакам да разговарам повеќе за повторно обединување на Балканот со Европа – рече Могерини.

Таа како успешен пример на европската политика кон Балканот го наведе Договорот помеѓу Скопје и Атина.

– Нашата политика кон Балканот е успешна приказна која имаше тежок почеток и пат од неочекуваното до воспоставување на доверба и заеднички предизвици – истакна Могерини.