Свет Балкан МНР: Возач на камион од Македонија е повреден во пожарите кај Александропулис

МНР: Возач на камион од Македонија е повреден во пожарите кај Александропулис

„Во непосредна близина, се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, кој поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и на пат се кон Северна Македонија“, информира МНР

Фото: Мета.мк

Државјанин на Македонија е повреден во пожарите што го зафатија Александропулис, кој всушност бил возач на камион чија приколка се запалила, информираат во Министерството за надворешни работи, од каде што велат дека со загриженост и внимание ја следат актуелната вонредна состојба во Грција настаната како резултат на шумските пожари во кои има и жртви.

„Има еден повреден државјанин на Северна Македонија, возач на камион чија приколка се опожари додека поминувал преку подрачје зафатено со пожари, во близина на Александропулис. Возачот добил изгореници, кои се третирани во локалната болница. Во непосредна близина, се наоѓа и втор камион со македонски регистарски таблички, кој поради механички дефект, не е во возна состојба. Тројцата наши државјани, кои се наоѓале во двата камиона, на време биле евакуирани и на пат се кон Северна Македонија“, информира МНР.

Според досегашните информации добиени од надлежните институции на Грција, меѓу загинатите нема наши државјани.

„Министерството, преку својата Амбасада во Атина и Генералниот конзулат во Солун, одблиску ги следи состојбите и останува во тесна комуникација со грчките надлежни институции и нашите државјани. Апелираме до нашите државјани, доколку се наоѓаат во погодените подрачја и имaaт потреба за помош, да ја контактираат нашата Амбасадата во Атина, преку следните СОС телефонски броеви: 00302106749585 / 00306944743071, Генералниот конзулат во Солун на +30 698 720 0410 или Министерството во Скопје на +389 75 273 732“, наведено е во соопштението на МНР.