Свет Балкан МНР ги охрабрува Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата етничка...

МНР ги охрабрува Македонците во Албанија слободно да ја изразат својата етничка припадност

Претстојниот попис ќе им овозможи на Македонците во Албанија, како лојални граѓани, слободно да го изразат својот идентитет и да ја потврдат сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност, соопшти МНР

Зградата на албанскиот парламент во Тирана; Фото: Бојан Блажевски

Сите Македонци во Албанија слободно да ја изразат својата етничка, јазична и религиска припадност на претстојниот попис во соседна Албанија кој почнува утре, 18 септември, соопшти Министерството за надворешни работи.

„Албанија е препознатлива во светот по своето мултиетничко и мултикултурно општество, на начин како тоа е постигнато во Северна Македонија, и кое претставува непроценливо автентично политичко и културно наследство“, велат од МНР.

Од таму додаваат дека претстојниот попис ќе им овозможи на Македонците во Албанија, како лојални граѓани, слободно да го изразат својот идентитет и да ја потврдат сопствената етничка, јазична, религиска и идентитетска припадност.

„Со тоа и дополнително ќе се потврди улогата на македонската етничка заедница во Албанија, во градењето мостови на пријателство меѓу двете држави“, соопшти МНР посочувајќи дека двете земји имаат исклучително пријателски односи.

Министерството за надворешни работи најави интензивна комуникација со претставниците на македонската етничка заедница во Албанија, исто како и со институциите на Република Албанија, меѓу другото и за идентитетските прашања.

Пред пописот во Албанија, бугарската потпретседателка Јотова во посета на Голо Брдо