Македонија Мицкоски за „Политика“: Преспанскиот договор ја брише Република Македонија

Мицкоски за „Политика“: Преспанскиот договор ја брише Република Македонија

Со наслов „Преспанскиот договор ќе ја избрише Република Македонија“, белградскиот дневник „Политика“ денеска објави интервју со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во кое тој ја обвинува владејачката партија СДСМ и премиерот Зоран Заев за „манипулации и кампања полна невистини“ јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Во интервјуто, кое е најавено на првата страница, Мицкоски вели дека граѓаните на Македонија сами ќе донесат одлука дали ќе го бојкотираат референдумот, но дека ВМРО-ДПМНЕ сака да ги информира за „опасноста која произлегува од капитулантскиот договор на Зоран Заев со Грција“. Тој вели дека, како и поголемиот дел од граѓаните, се определува за ЕУ и НАТО, но дека не се согласува со капитулантскиот договор и нема да го аминува.

– Немаме дилема околу тоа дека граѓаните знаат што е добро за нив. Чувствуваме обврска само да ги информираме за опасностите кои произлегуваат од договорот со Грција, да ги разоткриеме сите лаги на Зоран Заев и да ја расчистиме маглата со која сакаат да ја прикријат капитулацијата за прифаќање на грчките црвени линии – наведува Мицкоски.

Запрашан зошто ВМРО-ДПМНЕ за време на деценијата на власта, не го реши подобро спорот со Грција, Мицкоски рече дека „ниеден политичар до сега не ги прифатил грчките црвени линии“.

– Преспанскиот договор ја обезличи и ја избриша Република Македонија. Го менуваме уставното име и уставниот идентитет. Формираме комисии кои ќе испишуваат нова историја, традиција и култура бришејќи ја постоечката. Овој договор е најдобар само за Грција – додава лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Мицкоски ја обвини владејачката СДСМ дека секојдневно пласира манипулации и лажни вести и оцени дека „власта е во паника“.

– Да е добар договорот со Грција по Македонија и премиерот Заев да беше чесен и да ја уживаше поддршката од народот, немаше да му биде потребна помош од странски државници ниту ќе водеше кампања полна со невистини – додаде тој.