Македонија Мицкоски ја информирал Могерини дека реформите во државата не се исполнуваат

Мицкоски ја информирал Могерини дека реформите во државата не се исполнуваат

По средбата со еврокомесарот за проширување и соседска политика, Јоханес Хан претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска во Брисел се сретна и со високата претставничка за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини.

Тие, како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, разговарале за стратешките приоритети на Македонија, а тоа е полноправното членство во ЕУ.

„Како претседател на најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ изразив загриженост поради неисполнувањето на реформите било на планот на правосудството, било на планот на образованието и економските форми. Она што нас не загрижува е негативната слика за економијата во државата, негативните процеси од аспект на реформите во правосудството, злоупотребата на државните институции во партиски цели и сето она што можеме да го наречеме со два збора, политички терор“, изјавил Мицкоски.

Тој ја информирал Могерини и за содржината на состанокот на државниот врв, на кој се разговараше за предлогот на медијаторот Метју Нимиц за името.

Мицкоски заедно со потпретседателот на партијата, Александар Николоски и членот на Извршниот комитет, Владимир Ѓорчев денеска се сретнаа и со европратениците Андреј Ковачев, Кнут Флекенштајн и генералниот секретар на Европската народна партија (ЕПП), Антонио Лопез Истуриз.

Тема на средбите биле и актуелните политички состојби во државата, при што „европратениците како и генералниот секретар на ЕПП биле информирани за политичкиот прогон кој се спроведува во Македонија.“